Јавното обвинителство поднесе обвинителен акт за сообраќајната несреќа која на почетокот на април се случи кај Универзалната Сала, а во која загина младата студентка Фросина Цекова од Крива Паланка.
Возачот Љ.В. на 26. годишна возраст кој ја удрил Фросина по неколкучасовно бегство сам се пријавил во полициска станица. Тој се товари за кривични дела: – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Обвинителниот акт е поднесен врз основа на добиените резултати од истражната постапка, а од обвинителство велат дека трагите се поклопуваат со ДНА профилот од лицето кое во полициската станица, се пријавило како сторител на овој кривично правен настан.
Утврдено е пречекорување на брзината со кое е управувано возилото, како и непосветување на должно внимание од страна на осомничениот при приближување кон крстосница со означен пешачки премин. Возачот бил во алкохолизирана состојба.
Родителите на починатата Фросина досега неколкупати јавно искажаа дека се сомневаат во истрагата околу смртта на нивната ќерка. Тие тврдеа дека отисоците на човекот кој сам се пријавил дека ја прегазил Фросина, не се совпаѓаат со оние кои се пронајдени при истрагата.
20-годишната Фросина загина на лице место на пешачкиот премин кај Апче на Партизанска откако на неа, според очевидци со огромна брзина налетал aвтомобил марка Хонда.
По несреќата возачот не застанал и продолжил да вози.