Абделхамид Абуд
Седумина од официјалната листа на осомничени за терористичките напади во Париз загинаа, додека за тројца се смета дека се во бегство.
Абделхамид Абуд се смета дека е “мозокот“ на организираниот напад, Абдеслам Салах се бара со меѓународна потерница.
Француските власти уапсија 23 други за кои допрва ќе се утврдува дали биле дел од нападите, додека властите во Белгија уапсија седумина. Помеѓу нив не е Салах иако утрово беше изведена полициска акција во белгиски кварт но тој не беше лоциран таму.
За 27-годишниот Абделхамид Абуд, кој се уште е во бегство, досега е познато дека поседува беглиски пасош. Според француското РТЛ Радио тој бил еден од најактивните убијци во Сирија. Учествувал во напади на цркви и возови. Наводно во екстремистичката група ИСИС влегол во 2013 година.
Соучесникот на Абуд, 26-годишниот Салах Абдеслам во моментов е најбараниот човек во светот. Тој бил запрен од полицијата на граница непосредно по нападите но во тоа време не бил идентификуван на листата со потерници. Полицијата го опишува како “опасен“ и предупреди луѓето да не му се приближуваат. Се смета за најодговорен за масакарот во „Батаклан“ концертната сала. Салах е израснат во Белгија.

Салах Абдеслам
Ибрахим Абдеслам имал 31 година. Тој го активирал самоубиствениот елек пред бар кој бил веднаш до „Батаклан“. Тој е брат на најбараниот терорист во моментов, Салах Абдеслам.
Нивниот брат Мохамед Абдеслам беше помеѓу приведените во Белгија. Тој и понатаму тврди дека нема никаква поврзаност со терористичките напади во кои, според полицијата, учествувале неговите браќа. Денеска е пуштен без обвинение.
Билал Хадфи е 20-годишен Белгиец кој активирал една од бомбите пред фудбалскиот стадион „Стад де Франс“. Се верува дека поминал одредено време во рамките на ИСИС во теророт во Сирија пред да се врати во Европа.

Билал Хадфи
Првиот идентификуван напаѓач од страна на француските полициски сили е 29-годишниот Омар Исмаил Мостефај. Пораснал во Париз а самоубиствениот елек го активирал пред салата „Батаклан“.
Мостефаи влегол во Турција во 2013 година. Во 2014 година, турските служби го маркирале кај француските но немало одговор од Франција за него до неодамна, по крвавите настани. Турција и до денес нема податок дека тој ја наупуштил земјата.
Сиријскиот пасош на Ахмед Алмохамед беше пронајден близу телото на еден од напаѓачите. Полицијата се уште не може да ги идентификува отпечатоците на напаѓачот.

Дваесет и осум-годишниот Семи Амимур e еден од идентификуваните напаѓачи пред концертната сала „Батаклан“. Во 2012 година му се судело за тероризам. Тој бил под полициски надзор но успеал да побегне од очите на полицијата.
По нападите, француските сили како што и најавуваа претходно, изведоа неколку воздушни напади против терористите на ИСИС во Ирак и Сирија. Нивните авиони биле во координација со американските служби а полетале од аеродромот во Јордан.
Во меѓувреме, џихадистите на Исламската држава преку видео порака им се заканија на земјите кои учествуваат во воздушните напади, дека ќе ги снајде истата судбина како и Франција, притоа посебно заканувајќи се со напади врз Вашингтон.
Според говорникот во видеото, административниот центар на САД ќе настрадал од раката на Исламската држава, исто како и центарот на Франција.




