Причина за падот на рускиот авион во Египет е експлозија на бомба, соопшти денеска директорот на руската федерална безбедносна служба Александар Бортников, додавајќи дека во остатоците од авионот се пронајдени траги од експлозив.
– Можеме да кажеме дека авионската несреќа на Синај е терористички акт, изјави Бортников.
Раша Тудеј објави дека во текот на летот бил активиран експлозив од домашно производство, од 1,5 килограми ТНТ. Како последица на тоа, авионот се распаднал во воздух.
Русија нуди награда од 50 милиони долари за информација за имињата на оние кои се вмешани во овој терористички напад.
Исламската држава од првиот момент по несреќата тврдеше дека нејзините борци го урнале авионот Ербас 321, 23 минути по полетувањето од Шарм ел Шеик, на 31 октомври, при што загинаа 224 патници и членови на екипажот.
Во меѓувреме, египетските власти притвориле двајца вработени на аеродормот во Шарм ел шеик под сомнение дека ја поставиле експлозивната направа во рускиот авион.




