Француската полиција во текот на ноќта извела 128 рации, во кои се уапсени 23 лица и запленето е 31 парче оружје, меѓу кои и ракетен лансер, соопшти францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев, додавајќи дека истрагата за терористичките напади во Париз се интензивираат.
Француските медиуми пренесуваат дека продолжува потрагата по главниот осомничен за терористичките напади Салах Абделслам, откако вчерашната голема акција на белгиската полиција во бриселскиот кварт Моленбек заврши безуспешно.
Абделслам, инаку белгиски државјанин, се смета за директен извршител на нападите и продолжена рака на мозокот на операцијата Абделхамид Абуд.
Абуд е осуден во отсуство на 20 години затвор поради напад врз полицијата на почетокот на годината во Белгија, но при апсењето во Грција, успеал да дојде до Сирија, каде сега се смета за еден од најактивните членови на Исламската држава.




