Француската полиција рано утрово спроведе анти терористичка операција во предградието на Париз Сен Дени, каде наводно се крие вооружена група поврзана со нападите во францускиот главен град пред пет дена.
Според портпаролот на полицијата, неколкумина полицајци се повредени, а двајца ососмничени се упасени. Засега не е потврдена информацијата дека едно лице е убиено.
Бројот на вооружените полициски сили постојано се зголемува околу објектот каде што се верува дека се наоѓаат осомничените. Областа е целосно блокирана, а на жителите им се порачува да останат во своите домови. Повремено се слуша пукање и помали детонации, за кои како што објавуваат француските медиуми, можно е и да се контролирани.
Областа се наоѓа околу Стадионот каде се случи еден од терористичките напади, за што одговорноста ја презедоа припадниците на Исламската држава.
Според извори од операцијата, локалните медиуми јавуваат дека операцијата уследила, откако нова снимка од локациите каде што се случија нападите, открила дека е можно да има и деветти напаѓач. Целта на денешната операција е мозокот на нападите Абделхамид Абуд.
Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска ќе одржи состанок на кој ќе се одлучува за евентуално продолжување на вонредната состојба на три месеци.
Следната недела тој заминува за Вашингтон и Москва на средби со американскиот и рускиот претседател .




