Еден од предусловите за членство во Европската Унија (ЕУ) е регионалната соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ), а таа пак е клучен елемент во забрзување на обновата, добрососедството, стабилноста и просперитетот – изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Зборувајќи на дводневната конференција на претставници на земјите од ЈИЕ што се одржува во Сараево, Свилановиќ подвлече дека последните прогрес извештаи на ЕУ за земјите аспиранти за членство, покажале дека напредокот во реформските агенди за исполнување на политичките и економските критериуми, треба да биде засилен, а регионалната соработка „може да направи посебен придонес, токму во насока на поврзување и одржување на добрососедските односи“.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, истакнувајќи ги областите каде што се работи со посебен фокус, ја подвлече и безбедносната политика, посебно развојот на „Регионалната платформа за превенција на радикализацијата и насилниот екстремизам, кој води до тероризам и појава на странски терористи во ЈИЕ“.
Конференцијата „Регионална соработка во ЈИЕ: Заедничка работа кон влез во ЕУ“ што се одржува во Сараево во последните два дена, собра повеќе од 200 експерти од регионалните и меѓународите организации, како и претставници на академиите, на цивилното општество и на тинк-тенк организациите од регионот, како и владини претставници од Германија и од Австрија и претставници на Европската комисија.
Советот за регионална сработка е оперативно тело на Процесот за соработка во ЈИЕ (SEECP процесот), каде што институционално учествува и Македонија.




