Францускиот претседател Франсоа Оланд денес најостро ги осуди двата напади што се случија вчера, едниот против еден еврејски професор а другиот против една жена муслиманка.
“Нашата реакција на овие напади мора да биде најостра па дури и безмилосна бидејќи ова се однесува на целата наша национална заедница”, изјави претседателот спомнувајќи ја агресијата врз жената и “дивјачкиот напад” врз професорот.
Претседателот ова го изјави во Фондацијата Ширак, на церемонијата каде што и беше предадена наградата на Фондацијата на Латифа Ибн Зиатен. Таа е мајка на Имад, француски војник што беше убиен во 2012 година од страна на Мухамед Мера во терористички напад.

Наградата е признание за нејзината неуморна акција за меѓурелигиски дијалог и култура на мирот преку Здружението “Имад Ибн Зиатен за младите и мирот”.




