Србија е спремна за договор, но не и за понижување, порача српскиот премиер Ивица Дачиќ, на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.
Премиерот на Косово, Хашим Тачи пак, побара од официјален Белград да ја исплати воената отштета и да ги расформира паралелните структури на северот од Косово.
Дачиќ од Ист ривер порача дека Белград е потполно посветен на дијалогот со Приштина како и за траен мир помеѓу Албанците и Србите, но и укажа дека тоа „подразбира носење на тешки одлуки за двете страни“.
Инаку косовските медиуми, повикувајќи се на владини извори, јавуваат дека по жестоко спротивставените ставови на седницата на Советот за безбедност на ОН за Косово, премиерите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Ивица Дачиќ по седницата „нормално разговарале“.
Меѓу другото се вели дека „токму на овој разговор е постигнат договор за општински заедници со српско мнозинство“.