Минатата ноќ Советот за безбедност на Обединетите Нации едногласно усвои резолуција, на предлог на Франција, која дава зелено светло за “сите неопходни мерки” во борбата против терористичката организација Исламска држава (ИД) во Сирија и Ирак.
Советот вели дека “светската закана е без преседан и е против меѓународниот мир и безбедноста”. Претседателот Франсоа Оланд смета дека оваа резоулуција ќе “придонесе за мобилизација на сите нации за елиминација” на ИД.
Оланд сака да биде креирана уникатна коалиција против џихадистите. Тој следната недела патува на средба со Барак Обама а потоа и на средба со Владимир Путин во Москва. САД предводи коалиција против ОИД во Сирија и Ирак. Во Париз е најавена посета на германската канцеларка Ангела Меркел.
Франција веќе ја засили својата воена акција против ОИД во Сирија каде што организацијата контролира голем дел од територијата.
Сирискиот конфликт започна во 2011 година по насилната репресија од страна на режимот врз протестите кои бараа зајакнување на демократијата во земјата. Овие судири се претворија во граѓанска војна која досега однесе 250.000 животи и 12 милиони бегалци што претствавува речиси половина од населението на Сирија.




