Кипарскиот претседател Никос Анастасиадес во сабота попладне во Брисел ќе разговара со челниците на Европската унија за планот за спасување на Кипар, објави државната кипарска агенција CNA.
Кипарската власт настојува пред понеделник да го заклучи планот за спасување на Кипар со своите европски партнери, имајќи предвид дека Централната европска банка (ЕCB) најави дека во понеделник ќе го прекине приливот на средства во банките, доколку не се постигне соодветен договор.
Кипарските пратеници доцна синоќа ги донесоа првите мерки во врска со споменатиот план кој се однесува на реструктурирањето на банкарскиот сектор на земјата, за основање фонд на солидарност, како и за ограничување на движењето на капиталот за да се избегне пресилниот притисок врз банките при нивното повторно отворање предвидено во вторник, откако беа затворени на 16-ти март.
Претходно два извора од еврозоната за Reuters соопштија, дека министрите за финансии на 17-те земји членки на еврозоната ќе разговараат во недела за измените на планот за помош на Кипар.
Планираниот состанок се совпаѓа со изјавата на кипарските челници дека се приближуваат кон склучување договор којшто го бара Европската унија за пакетот меѓународна финансиска помош од повеќе милијарди евра со кои Кипар би го избегнал банкротот.
Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и други кипарски функционери викендов ќе отпатуваат во Брисел, надевајќи се дека ќе ги убеди доверителите од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во одржливоста на оваа, втора за една седмица антикризна програма.