Првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг, зборувајќи за соборувањето на рускиот воен авион денеска од страна на Турција, изјави дека авионот влегол во воздушниот простор на Турција.
Тој побара мирен процес на решавање на проблемот и повика на дипломатски разговори помеѓу Русија и Турција.
– Она што го бараме во моментов е смиреност и да нема ескалација, порача Столтенберг од Брисел. Тој дополни дека дипломатијата е многу важна за изнаоѓање на решение.
Тој потенцираше и дека меѓународната заедница мора да избегнува несреќи кои можат да излезат надвор од контрола.
– Повикувам на дополнителен однос меѓу Москва и Анкара…транспарентност и сите неопходни средства за да се намали ризикот, подвлече Столтенберг.
И претседателите на САД и Франција, Обама и Оланд денеска коментираа дека мора да се превенира евентуална ескалација, која би била многу штетна.
– Она што се случи само укажува дека мораме да најдеме решение за кризата во Сирија, во спротивно ризикуваме ескалација, рече Оланд.
Загриженост денеска изрази и генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун кој вели неопходен е разговор помеѓу Турција и Русија.
Имено додека двете земји денеска тврдеа различни ставови, односно дали авионот летал над турскиот воздушен простор или над Сирија, рускиот претседател Владимир Путин рече дека се чувствува како Турција да им забодила нож.
– Нашата војска храбро се бори со тероризмот…но денешната трагедија е нож во грб, спроведено од соучесници на терористите. Не можам поинаку да го опишам ова. Нашиот авион беше соборен на територија на Сирија од страна на Турција. Тој падна на територија на Сирија, 4 километри од Турција, изјави Путин денеска предупредувајќи дека “ќе следат сериозни последици“.




