Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган вели неговата земја не сака ескалација на тензиите во односите со Русија по вчерашниот трагичен настан кога Турција собори руски воен авион.
– Немаме намера да провоцираме ескалација на тензиите за овој инцидент. Ние само ја браниме нашата безбедност и правото на нашите браќа, изјави Ердоган, пренесуваат турските медиуми.
Ердоган го повтори ставот на неговата земја дека авионот на Русија летал над турскиот воздушен простор кога бил соборен.
Полемиките околу тоа дали авионот летал над Сирија или Турција и понатаму траат а Москва и Анкара се разидуваат во тврдењата.
Турција тврди дека авионот Су-24 бил опоменат најмалку 10 пати во рок од 5 минути дека навлегол во турскиот воздушен простор пред да бил соборен.
Руското Министерство за одбрана пак, вели дека рускиот авион не го нарушил турскиот воздушен простор, туку бил во Сирија.




