Еден од двајцата руски пилоти кои вчера катапултираа по соборувањето на борбениот авион Су-24 е спасен во 12-часовна спасувачка операција која заврши утрово.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, потврди дека капетанот Константин Муратин бил спасен во заедничка акција на руската војска и силите на Сирија, и потоа транспортиран во руска база.
Путин напомена дека пилотот Муратин и другите војници кои учествуваа во мисијата ќе бидат наградени со државни почести.
Другиот пилот пак, поручникот Олег Пешков кој паднал во рацете на сиријските бунтовници, постхумно ќе биде награден со највисоки почести, односно ќе добие Медал за храброста на Русија.
– За херојството, храброста и посветеноста покажана за време на исполнувањето на обврските, поручникот Олег Пешков постхумно ќе биде почестен, соопшти Кремљ.
Во меѓувреме, некои од медиумите во светот објавија аудио-снимка во која наводно се слуша предупредувањето на Турција кон руските пилоти пред да го соборат.
Русија и понатаму пак тврди дека авионот не влегол во турскиот воздушен простор туку бил соборен над Сирија.
Владимир Путин за трагичниот настан рече дека Турција “му забила нож во грб“ соработувајќи со терористите против кои неговата земја успешно се бори.
Од друга страна, Турција, НАТО и претседателите на САД и Франција рекоа дека земјата како и секоја друга, дејствувала за да ја заштити својата територија.




