Министерскиот совет на НАТО денеска упати покана за членство на Црна Гора, што е прво проширување на Алијансата по шест години.
Одлуката ја соопшти генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, кој рече дека станува збор за историска одлука, додавајќи дека НАТО ја продолжува политиката на отворена врата за сите други кои сакаат да станат членки на Алијансата. Тоа според него ќе ја зголеми безбедноста, како и стабилноста и демократските вредности во регионот.
– Таа историска одлука за почнување преговори за членство со Црна Гора беше едногласно донесена од 28-те министри за надворешни работи на НАТО на средба во Брисел. Политиката на НАТО за отворени врати има за цел ширење на стабилност, безбедност и демократски вредности врз кои се темели Алијансата. Сите стануваме посилни и постабилни со тоа што ја држиме својата врата отворена, изјави Столтенберг.
Шефот на црногорската дипломатија Игор Лукшиќ изјави дека станува збор за важен чекор, не само за неговата земја, туку и за регионот.




