Бегалската криза и тероризмот воведуваат промени во контролата на патниците во авионите и внатрешните граници на ЕУ.
Министрите за внатешни работи на ЕУ денес усвоија инструмент кој го носи името ПНР (Passenger Name Record), алатка за следење на патниците во авионите во ЕУ.
Истовремено, Шенген договорот ќе претпри промени и можно е две годишно продолжување на граничните контроли и на внатрешните граници на ЕУ како што тоа веќе го прават Австрија, Германија и Франција.
На Грција, како главна порта на ЕУ за мигрантите и бегалците, и се забележува дека веќе со месеци не успева да ја контролира надворешната граница на Шенген. Оттука, повеќе европски лидери изразија стравување дека ова може да го доведе под знак на прашање најголемото достигнување – слободното движење низ ЕУ кое го воведе договорот од Шенген.
Контролите на внатрешните граници кои ги воведоа споменатите три земји ги дозволува и Шенген договорот, но под услов тоа да не трае повеќе од шест месеци.
Бидејќи состојбата не се подобрува, Луксембург кој претседава во ЕУ во овој семестар, им предложи на земјите членки да размислат за можно продолжување на внатрешните контроли во период од најмногу две години.
Според извори во ЕУ не станува збор за суспензија или укинување на Шенген, туку за привремена мерка која ќе обезбеди земјите членки на оваа зона да не бараат излегување од Шенген. Доколку состојбата во Грција се подобри оваа привремена мерка нема да биде применувана.
Во овој контекст е и мисијата на европската агенција Фронтекс која има задача да ги надгледува надворешните граници на ЕУ. Грција даде согласност за помошта на Фронтекс на нејзината граница со Македонија и распоредување на екипи на оваа агенција на островите во Егејското Море.
И ЕУ воведува ПНР
ПНР инструментот денес доби зелено светло од министрите за внатрешни работи и сега преостанува да се добие и согласност од Европскиот парламент.
ПНР е регистар на податоци кои треба да дозволат ефикасно следење на авионските патници за да се избегне доаѓањето на терористи во Европа. Авионските компании ќе бидат приморани да им ги доставуваат податоците на патниците на земјите членки.
Предлогот за воведување на овој инструмент е на агендата на ЕУ од 2011 година по предлог на Европската комисија. Во текот на изминатите 4 години Парламентот и земјите членки не успеваа да се усогласат околу рокот на чување на податоците и нарушување на правото на приватност на патниците.
Но париските атентати, и јануарскиот против Шарли Ебдо и последниот од 13 ноември, го забрзаа овој процес. Договорено е податоците на патниците да се чуваат во текот на шест месеци иако Франција бараше рокот на биде една година.
Обврската за собирање на ПНР ќе важи за сите внатрешни летови во ЕУ како и за чартер летовите. Парламентарната комисија треба да ја даде својата согласност на 10 декември а пленарното гласање на ЕП е предвидено за почетокот на 2016 година.
Целта на овој инструмент е да ги идентификува и лицата кои можеби немаат позната врска со тероризмот но за кои анализата на податоците може да донесе сознанија дека таква врска може да има по што би се отворила истрага за тие лица за да се утврди постоење и непостоење на врска со тероризмот.
САД, Канада, Австралија и Велика Британија веќе имаат ваков инструмент.