Парламентот на Грција изминатата ноќ го поддржа предлог буџетот за 2016 година. Против предлогот гласаа сите опозициски партии, иако се очекуваше дека најголемата опозициска партија, Нова демократија од десниот центар, која обично се согласува со барањата на грчките надворешни доверители, ќе го поддржи буџетот на земјата кој го одобри четворката меѓународни кредитори – Европската унија, Европската центрана банка, Европскиот механизам за стабилност и Меѓународниот монетарен фонд.
Пред гласањето, во петокот беше прогласен генерален штрајк, и се одржаа протести против усвојувањето на буџетот, кој како и сите претходни од 2011 година е рестриктивен.
Креаторите на буџетот велат во 2015 година нема да има пад на грчката економија. Во 2016 година прогнозираат рецесија од 0,7 отсто. Бруто домашниот производ (БДП) во оваа година се очекува да изнесува 175,658 милијарди евра, а во следната 2016 година – 174,438 милијарди евра.
Владата на Ципрас се соочува со голем притисок за да оствари видливи резултати и позла за најсиромашниот дел од населението.
„Овој буџет е тешка задача за владата којашто сака да остави своја трага во социјалната правда“, им порача на пратениците пред гласањето премиерот Ципрас.
Министерството за финансии очекува да го извршува буџетот за 2016-та со примарен суфицит од 3,126 милијарди евра. Приходите во буџетот се проектирани на 53,527 милијарди, а расходите на 55,751 милијарда евра.




