На церемонија во Осло, денеска, на годинешните добитници – Квартетот за национален дијалог од Тунис, им е врачена Нобеловата награда за мир.
Лауреатите се Хусин Абаси, Мохамед Махфауд, Абдерсатар Бен Муса и Видед Бушамуи, членови на четири клучни организации на туниското цивилно општество – Општиот синдикат, Конфедерацијата за индустрија, трговија, и ракотворби, Лигата за човекови права и Адвокатската комора.
Нобеловиот комитет во октомври соопшти дека оваа група придонела за изградба на плуралистичка демократија во Тунис по Револуцијата Јасмин во 2011 година.
Претставниците на Квартетот денеска упатија апел до меѓународната заедница дека борбата против тероризмот мора да стане апсолутен приоритет.
– Денес имаме голема потреба за дијалог меѓу цивилизациите и мирен соживот со почитување на разликите и различноста. Денес ни е потребно борбата против тероризмот да стане апсолутен приоритет, рече на церемонијата во Осло, Хусин Абаси, генерален секретар на Синдикатот.
Тој ги осуди варварските и гнасни акти на тероризам последниве месеци во Тунис и ширум светот од Париз до Бејрут, Шарм ел Шеик и Бамак.
Осврнувајќи се на терористичките напади, претседателката на Нобеловиот комитет Каци Кулман Фиве, оцени дека сите тие бараат единствен одговор од страна на меѓународната заедница.




