УСКОК, Канцеларија за борба против корупција и организиран криминал на Хрватска, денес објави дека подигнува обвинение против градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ и уште 15 лица.
Тие се обвинети за кривични дела злоупотреба на функцијата и овластувањата, тргување со влијание, затајување данок или царина, спречување докази, фалсификување на службени или работни документи и поттикнување за давање лажен исказ.
Обвинетите се високи функционери на Градската управа и Загрепскиот холдинг, како и две трговски претпријатија, кои се товарат за повеќе корупциски кривични дела.
Бандиќ, кој е градоначалник на Загреб повеќе од 12 години, во обвинението за случајот „Аграм“ е наведен како врска на сите останати, а вкупната штета за градот и државниот буџет се проценува на околу три милиони евра.




