Оваа година бројот на уапсени новинари во светот е помал во споредба со лани, но затоа пак бројот на киднапирани е значително зголемен, објави денеска организацијата Репортери без граници.
Во Годишниот извештај на оваа организација се наведува дека бројот на уапсени новинари во 2015 е 153 и е намален за 14 проценти во однос на минатата година, при што се истакнува дека по ова прашање најлош пример е Кина, која е „светски затвор за новинарите“.
После Кина, на оваа црна листа е Египет, Иран и Еритреја.
Во текот на 2015 киднапирани се 54 новинари, што е за 35 отсто повеќе од лани, а земја во која се киднапирани најмногу новинари од екстремисти и криминалци – 26-мина, е Сирија.
Само во рацете на припадниците на Исламската држава во Сирија и Ирак, во моментов се 18 новинари.
Според Репортери без граници, во некои конфликтни зони се развила вистинска индустрија на киднапирање, притоа посочувајќи го Јемен, како најпроблематична земја во однос на ова прашање, каде во 2015 година се киднапирани 33 новинари, во споредба со двајцата минатата година.
Во Либија е регистриран најголем број исчезнати новинари оваа година, осуммина, а политичката клима во таа земја „го отежнува водењето истрага за лоцирање на исчезнатите“, констатира Репортери без граници.




