Кристин Лагард, директорката на Меѓународниот монетарен фонд треба да се појави пред францускиот суд под обвинение за несовесно работење во времето кога беше министерка за финансии во владата на претседателот Никола Саркози, јавува „Би-Би-Си“, објави МЕТА.
Лагард, како поранешна министерка во владата на Саркози, дозволила исплата на 404 милиони евра на бизнисменот Бернард Тапие во 2008.та година како компензација за продажба на фирма.
Случајот отвара сомнеж дека исплатата била договорена зделка и контрауслуга за поддршката што Тапие му ја дал на Саркози за претседателските избори во 2007.та година.
Францускиот суд на правдата одлучил дека на Лагард треба да ѝ се суди под обвинение за „небрежност од лице кое е на позиција во јавната власт“.
Адвокатот на Лагард ја нарекол одлуката на судот „несфатлива“ и рекол дека директорката на ММФ ќе поднесе жалба.
Лагард ги отфрлила обвинувањата, наведувајќи дека не сторила ништо противзаконски.
Бизнисменот Бернард Тапие е поранешен мнозински акционер во компанијата за спортска опрема „Адидас“. Тој ги продаде акциите во 1993.та година за да може да стане министер во владата на претседателот Франсоа Митеран.




