Бизнисменот Тихомир Орешковиќ е мандатар за состав на новата хрватска Влада. Тој е кандидат на коалицијата што ја предводи ХДЗ и независната листа Мост, договорен речиси два месеци од парламентарните избори.
Орешковиќ, кој на политичката функција доаѓа од местото претседател на Управниот одбор на компанијата „Плива“ за Југоисточна Европа изјави дека сака да формира квалитетна Влада и притоа ги повика на соработка и позицијата и опозицијата. За лидерите на двете партии чиј кандидат е Орешковиќ, најважно било што премиерот е врвен професионалец и непартиски човек.
Но, веднаш по обраќањето, откако го доби мандатот за состав на владата, Орешковиќ предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Главно се криткуваше неговото обраќање составено од неколку реченици, што воедно е и најкусо во историјата на именување мандатари, но и лошиот хрватски изговор, имајќи предвид дека Орешковиќ се образувал, и поголем дел од животот минал во Канада.




