Според новиот закон, министерот за финансии на Полска ќе биде човекот кој ќе ги именува уредниците и директорите на полските медиуми.
Вчера Полска усвои закон кој му ги доверува овие права на министерот за финансии. Повеќе меѓународни организации изразија големо незадоволство поради овие мерки кои негативно ќе влијаат на медиумската слобода.
Законот е усвоен од 232 пратеници кои гласале “за” додека 152 пратеници гласале “не” и 34 пратеници се воздржале. Новиот текст на законот бил поднесен за гласање и не било оставено време за дебата. На истиот начин полската влада го поднесе и законот за реформа на Уставниот суд која, како и законот за медиуми, е контроверзна.
Новите одредби на законот предвидуваат дека мандатите на членовите на дирекциите и советите за мониторинг на националниот радио и телевизиски сервис веднаш се прекинуваат. Отсега министерот за финасии ќе ги именува и отповикува овие членови. Досега тие беа избирани на конкурс кој го организираше Националниот аудио-визуелен совет.
Европската радио-телевиски унија (УЕР-ЕБУ), Репортерите без граници и Здружението на европските новинари изразија голема загриженост поради овој развој на настаните во Полска. За нив овој закон е воведен без дебата, без консултации и во голема брзина.
Потпредседателот на Европската комисија (ЕК) Франс Тимерманс побара објаснувања од полската влада.
Заменик министерот за култура на Полска Криштоф Шабански изјави дека “во прво време го модификуваме принципите на избор на одговорните на полската телевизија и радио а потоа ќе усвоиме закон за националните медиуми со кој ќе се смени начинот на функционирање на јавните медиуми и принципите на нивнот финансирање”.
Партијата на власта Право и правда која ја води Јарослав Качински веќе најави дека националната информативна агенција ПАП, националната телевизија и радио, кои во моментов се претпријатија врз база на комерцијално право, ќе бидат трансформирани во културни институции кои ќе ги води Совет за национални медиуми кој допрва треба да биде формиран од страна на власта.
Според партијата овие промени треба да ги намалат трошоците на функционирање на овие претпријатија но исто така “да ги вратат професионалните и етички стандарди кои се неопходни за реализирање на јавната мисија”.
Но полската опозиција не го дели овој став. Сите опозициски партии сметаат дека со законот се воведува директна контрола врз медиумите.
Партијата на власт веќе усвои реформа, која влезе на сила во понеделникот, со која се реформира Уставниот суд. Според опозицијата овој закон ќе го парализира судот.
Откако дојде на власт на 25 октомври 2015 година новата полска конзервативна вчаст усвои закони со кои се модифицира функционирање на администрацијата, полицијата, обвинителството и разузнавачките служби.




