Германската полиција предупреди дека е “предвиден можен терористички напад” во Минхен и потврди дека има индикации во таа насока. Таа ги повика жителите на Минхен да избегнуваат да се собираат во поголеми групи.
Евакуирана беше главната железничка станица и станицата Пасинг на западот на градот, напиша полицијата на својот Твитер профил. Полицијата тврди дека терористички напад бил планиран за новогодишната вечер.
И белгиската полиција предупреди дека се можни терористички напади во центарот на Брисел. Општината на градот го откажа традиционалниот огномет.
Во Франција, претседателот Франсоа Оланд во својот новогодишен говор рече дека заканата од тероризмот е се уште присутна и останува на високо ниво.
Новата година речиси насекаде во светот беше дочекана со големи безбедносни мерки.
Во Мадрид полицијата дозволи собирање на не повеќе од 25.000 луѓе на славниот плоштад Пуерта дел Сол а во Москва Црвениот плоштад беше затворен за граѓаните.
Во Лондон се мобилизирани 3.000 полицајци повеќе отколку обично.
Во Турција полицијата потврди дека спречила терористички напад во Анкара.




