ОН добила „вознемирувачки информации“ дека во цивилните региони на престолнината на Јемен неделава биле употребени касетни бомби, и предупреди дека употребата на вакво оружје може да е еднакво на воено злосторство, изјави портпаролот на ОН, цитиран од британските медиуми.
– Генералниот секретар Бан Ки-мун е особено вознемирен од информациите за интензивни воздушни напади во населени региони, како и врз цивилни згради во Сана, вклучувајќи ги и Трговската комoра, една сала за свадби и центар за малолетници – рече пред медиумите портпаролот Стефан Ѓужариќ.
Бан добил и загрижувачки информации за употребата на касетна муниција во нападите врз неколку места во Сана во средата, додаде тој. „Употребата на касетни бомби во населени региони може да е еднакво на воено злосторство поради нивниот неконтролиран карактер (на погодување).”
Организациите за човекови права ја обвинија саудиската коалиција за употребата на касетните бомби во Јемен, забележаа британските медиуми.
Иако Ѓужариќ не конкретизира кој може да ги употребил касетните бомби, тој, сепак, забележа дека саудиската коалиција е онаа која употребува борбени авиони во конфликтот.
Ѓужариќ додаде дека генералниот секретар апелира до сите страни во јеменскиот конфликт да соработуваат со нивниот специјален пратеник Исмаил Улд Шеик Ахмед, за да се обноват мировните преговори што е можно поскоро.




