Сиријци и Пакистанци во неделата вечер биле нападнати во Келн од страна на досега непознати сторители. Двајца Пакистанци имале тешки повреди и биле пренесени во болница.
Полицијата истражува дали ова насилство е поврзано со насилството врз жени што се случило во текот на новогодишната ноќ. Властите во Келн се обидоа во првиот момент да ги минимизираат па дури и да ги сокријат овие напади на новогодишната ноќ, но подоцна уследија повеќе од 200 тужби за сексуални напади, од кои две за силување.
Од вкупно 32 осомничени идентификувани од страна на полицијата во Келн, 22 се баратели на азил од северноафриканските и арапските земји, изјави германското министерство за внатрешни работи. Слични напади имало и во Хамбург, Штутгарт и Берлин на новогодишната ноќ што доведе до жестока полемика околу миграциската политика во Германија, којашто минатата 2015 година прими незапаметен број од 1,1 милиони баратели на азил.
Според локалниот весник Експрес, овие напаѓачи договориле средба преку Фејсбук со цел да «одат во лов на луѓе» и со намера да го «исчистат» градот.
Нападите против странци во неделата во Келн биле организирани на социјалните мрежи на повик на екстремната десница која барала од своите поддржувачи да учествуваат во «прошетки» во центарот на градот, информираше келнската полицијата денес.
«Во четири напади против Сиријци, Пакистанци и Африканци, тргнуваме од принципот дека нападите се поврзани со ткнр «прошетки», изјави шефот на службата за криминал Норберт Вагнер кој додаде дека од денес полициското присуство во градот ќе биде зајакнато особено во центарот во близина на катедралата.
Полицијата тврди дека првата тепачка се случила кај 19 часот кога дваесетина лица почнале да тепаат шестмина Пакистанци во близината на централната станица на Келн. Дваесет минути подоцна пет лица нападнале еден Сириец.




