Една година по губењето на изборите во Грција конзервативната партијата Неа Демократија (НД) вчера избра нов претседател – Киријакос Мицотакис кој има 47 години и е син на поранешниот премиер Константин Мицотакис.
Семејството Мицотакис е една од трите големи династии на политичари со семејствата Караманлис и Папандреу.
Кандидат на изборите беше Вангелис Меимаракис кој беше интерим претседател на партијата.
Околу 300.000 членови гласале на изборот за нов претседател.
НД и социјалистите од Пасок ја водеа земјата во текот на 40 години но на последните два изборни процеси во јануари и септември НД изгуби од радикалната левица Сириза на Алексис Ципрас.
Поранешниот претседател на НД Антонис Самарас даде оставка во јули по што раководната палка ја презеде Меимаракис но поради кавги во партијата и тој одлучи да се повлече и беше одлучено да се оди на партиски избори.
Киријакос Мицотакис е претставник на новата генерација на политичари од грчката десница и при изборот се обврза дека партијата ќе ја пренасочи кон политички центар.
– Гарантирам дека ќе создадеме големо движење на десниот центар кое на Грција ќе и понуди алтернативни решенија, порача Мицотакис.
Неговиот татко ја водеше партијата од 1984 година до 1993 година а беше премиер на Грција од 1990 година до 1993 година. Сестра на Киријакос е Дора Бакојани која беше градоначалничка на Атина и министерка за надворешни работи во 2008 година кога Грција стави вето на приемот на Македонија во НАТО.




