Седум луѓе се уапсени поради сомневање за вмешаност во самоубиствениот напад во вторникот што го изведе припадник на екстремистиската Исламска држава во центарот на Истанбул, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Ефкан Ала.
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу вчера изјави дека бомбашот самоубиец во Турција влегол од Сирија како бегалец, дека неговото движење не било надгледувано, бидејќи не бил на ниту една листа.
Бомбашот што се разнесе во областа Султанахмед, при што загинаа 10, а 15 странски туристи се повредени, е идентификуван како 28- годишниот Сириец Набил Фадли, роден во Саудиска Арабија.
Како што пренесуваат труските медиуми, станува збор за припадник на Исламската држава кој на 5 јануари влегол во Турција од Сирија.
Низ цела Турција досега се приведени 68 лица под сомнение дека се припадници на Исламската држава, иако засега ниту еден од нив со сигурност не се доведува во врска со нападот.
Ова е четврти терористички напад во Турција од страна на милитантите на Исламската држава за последните седум месеци, но е прв врз туристи.




