Вчера влезе во сила нуклеарниот договор помеѓу Иран и големите сили откако Меѓународната агенција за нуклеарна енергија го даде своето зелено светло. Со овој чекор започна и укинувањето на меѓународните економски санкции против Иран кои долго беа на сила.
“Иран ги заврши подготвителните етапи неопходни за стапување на сила на договорот склучен на 14 јули 2015 година”, изјави генералниот секретар на оваа Агенција на Обединетите Нации Јукија Амано преку соопштение. Агенцијата е сместена во Виена каде што се одржуваа преговорите помеѓу Иран, ЕУ, САД и другите големи светски сили.
Истовремено и ЕУ и САД најавија дека ги укинува санкциите против Иран а се очекува тоа многу брзо да го најават и ООН.
Ова е знак дека почнува затоплување на односите помеѓу САД и Иран што беше означено вчера со најавата за размена на затворениците помеѓу двете земји, чекор без преседан помеѓу САД и Иран кои ги прекинаа дипломатските односи во 1980 година.
Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека неговата земја е подготвена да започне година на економски успеси. Економските кругови во светот со нетрпение го очекуваа крајот на санкциите за да се вратат во Иран кој ги поседува четвртите по големина резерви на нафта и вторите резерви на гас во светот.
Во овој контекст вчера цената на нафтата падна под 30 долари за барил.
Многу земји го поздравија овој чекор и прекинот на санкциите, но има и незадоволни.
Така републиканскиот претседател на американскиот Конгрес Пол Рајан изјави дека Обама ги прекинува санкциите против “главната држава во светот која го поддржува тероризмот”.
Незадоволен е и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој рече дека Иран и понатаму се обидува да направи атомска бомба.




