Жените и девојките бегалки кои стигнуваат во Европа се соочуваат со насилство и со сексуално вознемирување долж целата траса на патувањето, соопшти денеска невладината организација за заштита на човековите права Амнести Интернешенал.
Во најновиот извештај објавен денеска се наведува дека во минатомесечниот разговор со 40 жени и девојки кои во Германија и Норвешка дошле преку Турција и Грција, и патувале сами или со деца рекле дека посебно загрозени се чувствувале во Унгарија, Хрватска и Грција, каде морале да спијат покрај стотина мажи бегалци.
Хуманитарните работници велат дека поголем број од бегалците се мажи, па затоа жените се посебно ранливи.
Жените наведуваат дека во бегалските кампови морале да користат исти тоалети и тушеви со мажите, а некои од нив рекле дека ниту јаделе ниту пиеле за да не мораат да одат во тоалет.
Сексуалното вознемирување во извештајот на Амнести не е издвоено од другите видови насилства.
Една 22- годишна Ирачанка пријавила дека униформиран припадник на обезбедувањето во Германија и понудил облека за да помине некое време со него насамо.
Некои хуманитарни работници наведуваат дека потешко е да се спречи насилство поради ад хок системот за прием и регистрација на бегалците.
– Еден од предизвиците со кои се соочивме е тоа што на меѓународната организација, односно на владите им треба многу време за да сфатат дека кризата е присутна и дека нема туку така да исчезне, вели координаторката на Меѓународниот комитет за спас на грчкиот остров Лезбос, Џени Бекер.




