Данскиот парламент денес го усвои контроверзниот закон за мигрантите кој треба да ги обесхрабри бегалците да одат во Данска каде што власта од денес има дозвола да им ги конфискува личните работи кои имаат вредност.
Законот дозволува конфискација на вредните предмети кои бегалците ги носат со себе, ги намалува социјалните права на бегалците и го зголемува рокот за добивање на постојана дозвола за престој.
Законот треба да почне да се применува во февруари. Полицијата ќе може да ги претресува бегалците и да им ги земе парите во кеш доколку имаат повеќе од 1,340 евра и предметите кои по вредност ја надминуваат оваа сума. Но нема да има право да им зема предмети кои имаат висока сентиментална вредност како на пример бурмите. Полицијата е таа која одлучува дали еден предмет е сентиментално вреден или не.
По четири часа дебата, Парламентот го усвои законот на либералната влада на Ларс Локе Расмусен со огромно мнозинство од 81 глас од 109 присутни пратеници, 27 се воздржале од гласање а само еден пратеник бил против. Седумедесет пратеници не учествувале во гласањето.
Договорот за овој закон помеѓу владеачката десница и опозициските социјал-демократи беше соопштен на почетокот на јануари. За време на гласањето екстремната левица и еколошката партија остро го критикуваа законот кој, според нив, носи “ветер на национализам” во Данска.
Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации исто така го критуваше законот велејќи дека оваа реформа ги храни “стравот и ксенофобијата”.
Вчера во Европскиот парламент во Комисијата за внатрешни работи се одржа дебата на кој зборуваа данските министри за надворешни работи и миграција.
– Сосема е разумно државата да не плаќа за оние кои сами можат да платат, рече вчера Ингер Стојберг, министерката за миграција која е противник на приемот на бегалците во Данска.
Слично правило донесе и Швајцарија. Бегалците мораат да ги дадат пари и предмети кои вредат повеќе од 913 евра. Според швајцарскиот закон, бегалците мораат да дадат придонес во трошоците на државата. Доколку бегалецот одлучи да ја напуши земјата во рок од седум месеци, ќе може да си ги добие назад парите и предметите. Во спротивно, државата ги задржува.
Во Баварска и Бад-Вуретберг, властите исто така им ги конфискуваат вредните предмети, јави весникот Билд. Министерот за внатрешни работи на Баварска објаснува за весникот дека во неговиот регион «барателите на азил се претресуваат кога пристигнуваат и им се бараат документи, вредни предмети и пари». Парите можат да се конфискуваат ако нивната вредност надминува 750 евра а во Бад-Вуртенберг ако надминува 350 евра.
Според федералната комесарка за интеграција, двете федерални држави го применуваат германскиот закон според кој еден барател на азил треба пред се да ги користи своите средства а во тие средства влегува и семејниот накит.




