Црногорскиот парламент по три дена дебата синоќа изгласа доверба на владата на премиерот Мило Ѓукановиќ, а одлучувачка за опстанокот на Владата беше поддршката од страна на опозициската партија Позитивна Црна Гора.
Оваа иницијатива Ѓукановиќ сам ја даде, откака нејзиниот тогашен коалициски партнер, Социјалдемократската партија (СДП), порача дека таа е „техничка и без легитимитет“.
Освен партијата на Ѓукановиќ, Демократската партија на социјалистите (ДПС), за опстанок на Владата гласале и малцинските партии – Хрватската граѓанска иницијатива (ХГИ), Либералната и албанската партија, потоа опозициската партија Позитивна Црна Гора, која во владејачката коалиција ја замени СДП на Ранко Кривокапиќ.
Својот глас за опстанок на владата, Позитивна Црна Гора го услови со прифаќање на нејзината програма за излез од политичката криза, која подразбира продолжување на евроатланските интеграции, отворање на владата кон опозицијата и квалитетни подготовки за претстојните парламентарни избори.
Во завршниот говор Ѓукановиќ ги повика сите партии од парламентарната опозиција на соработка со Владата, остапувајќи им министерски и помошнички места, како и место на потпретседател на Владата, со што би се контролирала работата на неговиот кабинет, особено подготовките за претстојните избори.




