Владејачката коалиција во Германија постигна согласност за мигрантите што подразбира одредени ограничувања во врска со приемот на нивни роднини во земјата.
Според договорот, на мигрантите кои не се соочиле со непосреден личен прогон нема да им се дозволи да донесат роднини и да им се придружат во период од две години, изјави вицеканцеларот Зигмар Габриел по состанокот со канцеларката Ангела Меркел и гувернерот на Баварија Хорст Зехофер.
Коалициската влада планира да ги прогласи Мароко, Алжир и Тунис за безбедни земји на потекло со што би се олеснило враќањето на мигрантите назад.
Во Германија досега се регистрирани 1,1 милион луѓе кои бараат азил, од кои 430 илјади се Сиријци, а целта е тој број годинава да биде помал.
Германија ист ваков потег презеде лани за неколку балкански држави.




