Доналд Трамп е можеби фан на Адел, но симпатиите дефинитивно не се обострани. Поп пејачката преку нејзината ПР служба вчера му соопшти на милијардерот дека нема дозвола да ги пушта нејзините песни во кампањата.
„Rolling in the deep” и “Skyfall” се песните со кои започнува и завршува секое политичко обраќање на Трамп пред неговите фанови. Но, ова ги вознемирило фановит на Адел коишто на социјалните мрежи коментираа со недели дека се чувствуваат навредени што контроверзниот Трамп чии изјави пречесто се граничат или ја поминуваат линијата на фашизам, ја злоупотребува нивната омилена пејачка.
По многуте реакции, стаса и предупредувањето од пејачката. Таа не е првата која посегна по ваков чекор. Досега од Трамп истото го побараа и Стив Тајлер од бендот „Аеросмит“ и пејачот Нил Јанг. Мајк Страјп од РЕМ, пак, не чекаше на љубезни писма од неговиот адвокат, туку лично му се обрати на Трамп со бесен речник нарекувајќи го „тажен, егоцентричен мал човек“.
Сепак, прашање е колку музичките ѕвезди можат да направат во случајов. Неколку адвокати од сферата на авторските права за весникот „Гардијан“ коментираат дека на ѕвездите нема да им појде од рака да го натераат Трамп да престане бидејќи според американските закони тој смее од лиценциран агент да земе дозвола за пуштање на песните, а не лично од нив.