Основачот на сајтот Викиликс Џулијан Асанж утре ќе ја напушти Амбасадата на Еквадор во Лондон и ќе прифати да биде уапсен од британските власти, доколку панелот на Обединетите нации, кој го истражува неговиот случај, донесе одлука, која не е во негова корист, објави тој.
Асанж се крие во еквадорската Амбасада од јуни 2012 година, за да ја избегне опасноста да биде екстрадиран во Шведска, каде се бара за да биде сослушан во врска со обвиненијата за сексуално насилство врз две жени во 2010 година.
Се очекува работната група на ОН да ги претстави заклучоците утре изутрина.
– Доколку ОН објави утре дека сум го загубил случајот против Велика Британија и Шведска, јас ќе ја напуштам Амбасадата в петок попладне и ќе се согласам да бидам уапсен од британската полиција, бидејќи нема сериозни перспективи за нова жалба, вели Асанж.
– Но доколку победам и стане јасно дека државите вклучени во случајот дејствувале незаконски, очекувам итно да ми биде вратен пасошот и да бидат прекинати сите обиди да бидам уапсен, додаде тој.
Британската полиција соопшти дека доколку Асанж ја напушти Амбасадата веднаш ќе биде уапсен.
Асанж стравува дека Шведска ќе го екстрадира во САД каде би можело да му се суди за објавување доверливи воени и дипломатски документи преку неговиот сајт Викиликс, што претставува еден од најголемите случаи на протекување инфомации во историјата на САД.
Еквадор и Шведска по шестмесечни преговори вчера постигнаа спогодба според која Асанж би можел да биде испрашуван.




