Двата најголеми синдикати во Грција денеска организираат генерален штрајк во кој учествуваат сите вработени и во државниот и во приватниот сектор, против плановите на Владата за реформа на пензискиот систем што е дел од договорот со меѓународните кредитори.
Од утрово откажан е авионскиот и траектниот сообраќај, јавниот и такси превозот, не работат школите и продавниците, како и некои ресторани и кафулиња, додека болниците примаат само итни случаи. Затворени се и граничните пунктови.
Премиерот треба да ги спроведе реформите за да ја добие третата спасувачка програма од 85 милијарди евра, а претставниците на меѓународните кредитори се во Атина од понеделникот, за да го оценат постигнатиот напредок. Според извори на Катимерини, Ципрас засега категорично одбива да размислува за намалување на пензиите на постојните пензионери, со образложение дека тие се основен и најголем приход на сѐ повеќе домаќинства.
Владата реши да набави пари за пензискиот систем со тоа што ги зголеми придонесите за 1% за работодавачите и за 0,5% за работниците. Се предвидува спојување на шесте грчки пензиски фондови во еден, како и промена на работниот стаж неопходен за добивање основна пензија. Кабинетот на Ципрас предложи да биде 10 години, но кредиторите инсистираат на 15 години.
Според масовноста, денешниот штрајк наликува на оној од 2010. година по првиот меморандум на Атина со кредиторите.




