Синдикатот на медиуми и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бараат веднаш да прекине “рашомонијадата“ околу преговорите за медиумите.
– Време е да се каже јасно и гласно кој за што се залага. Одбиваме да бидеме ставени во ситуација да коментираме и да валоризираме предлози кои до нас доаѓаат посредувани од партиски спинери. Ги повикувам СДСМ да ни го достават нивниот предлог. Во спротивно, апелираме до ВМРО ДПМНЕ да ни го достават предлогот на СДСМ, во име на рамноправна транспарентност на преговарачките страни, изјави денеска претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.
Бидејќи тие немале до сега увид во предлогот на СДСМ, од она што се слуша во јавноста, дека најголемата опозициска партија била за санкционирање на новинари и на медиуми за непочитување на професионални стандарди., ЗНМ и ССНМ нагласуваат дека апсолутно се против задирање во саморегулација на медиумите.
– Ние цврсто го поддржуваме секој предлог што е во насока на департизацијата на регулаторот и на Јавниот сервис и на почитување на општите стандарди во новинарството и во етиката во професијата. Сметаме дека принципиелните насоки презентирани од посредникот Питер Ван Хауте беа во тој дух и затоа ги поддржуваме, порача Чаусидис.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани се надоврза осудувајќи ја хајката и црната кампања која медиумите блиски до власта ја водат против европскиот посредник Питер Ванхауте во однос на последните предлози на СДСМ за медиумските реформи.
– Ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ не помага да се најде квалитетно решение за медиумските реформи. Со лаги и подметнувања двете партии не можат да ја сокријат нивната одбивност кон вистински рефоми во медиумите. Уште еднаш повторуваме дека предлогот на СДСМ, кој беше доставен неделава во битни делови се разликува од предлогот на посредникот Ванхауте, порача Селмани.
Како што вели тој СДСМ своите предлози ги подметнувал со името на Ванхауте а тоа го покажувал неискрениот однос на СДСМ за вистински реформи во медиумите.
– Одлулчно сме против идејата на СДСМ новинарска етика да се регулира со закон. Да се казнуваат медиумите со глоби за прекршување на новинарската етика, е недомократска практика. Во демократски земји примената на професионалните стандарди се регулира со саморегулација во медиумите, порача тој.
За Ванхауте денеска реагираше Македонската асоцијација на новинари (МАН) која рече дека остро се противи, ја осудува и отфрла квалификацијата на посредникот од Брисел, Питер Ванхауте со која вели дека Македонија не може да има закон за медиуми согласно европските стандарди.
– Го потсетуваме посредникот Ванхауте дека прогласувањето на една нација за инфериорна во однос на други нации е расизам, односно говор на омраза, и бараме оние кои го пратиле во Македонија да се оградат од неговата изјава, и истата да ја осудат. Со оваа изјава на посредникот Ванхауте се повредуваат демократските стандарди и правни акти на Европската унија и државите членки на Унијата, се вели во соопштенеито на МАН.