Две жени мигрантки беа пронајдени мртви од студ во саботата вечер на југо-истокот на Бугарија блиску до турската граница. Нивните сопатници се испратени во болница а од нив двајца се во тешка состојба, информираа денес извори од бугарската влада и од болницата.
“Две жени починаа, едната е на возраст од 14 до 16 години а втората помеѓу 30 и 40 години. Нашите граничари не држеле во прегратка во обид да ги стоплат но не успеале во тоа. Двете се мртви од студ”, изјави Румијана Бачварова, министерка за внатрешни на Бугарија.
Жените биле дел од група од 19 бегалци кои се обидувале тајна да ја минат границата а биле откриени од страна на полицијата во планинскиот регион Малко Трново кој е под снежна покривка.
Се уште не е утврдено државјанството на овие луѓе а помеѓу преживеаните има 11 деца од 4 до 16 години кои исто така се испратени во болница.
На 20 и 23 јануари двајца мажи беа пронајдени мртви на српско-бугарската граница.
Околу 30.000 бегалци, главно од Сирија, Ирак и Авганистан беа регистрирани во Бугарија во 2015 година. Но оваа бројка е повисока кога се знае дека најголем дел од нив нелегално минуваат низ земјата и одбиваат да бидат регистрирани стравувајќи дека така ќе бидат приморани да останат во Бугарија.
Меѓународните организации повеќе пати ги обвинија бугарските власти за лош третман на бегалците.
И покрај големиот број бегалци кои минуваат низ Бугарија оваа земја не е главниот пат кон Европа за луѓето кои бегаат од војната. Според бугарската влада, причината е стриктната контрола на границите што ја воведе Бугарија.




