Најдоцна до 22.февруари, Канада ќе го прекине своето учество во коалицијата која извршува воздушни напади врз позициите на Исламската држава во Ирак и Сирија, но ќе ја зајакне хуманитарната помош, соопшти канадската влада.
Премиерот на земјата, Џастин Трудо истакна дека новата канадска политика е бранење на своите интереси и конструктивна соработка за градење на реални долгорочни решенија.
– Ние со нашите сојузници ќе делуваме за да ја победиме Исламската држава. Во исто време ќе им помагаме на милиони луѓе, ќе воспоставиме економски раст и долгорочна стабилност, порача Трудо.
Планот е да се повлечат сите шест канадски воени авиони кои се пуштени во бомардирање, но да се зголеми бројот на копнени сили кои ќе ги обучуваат локалните сили кои треба да се борат со радикалниот ислам во северен Ирак, што значи дека бројот од 230 војници ќе биде зголемен на 600.
Во наредните три години канадската влада планира одвојување на 1.6 милијарди долари за финансирање на воени и цивилни проекти наменети за безбедноста, стабилизацијата и хуманитарната помош.




