Долниот дом на францускиот Парламент вчера го изгласаа контроверзниот предлог за измена на Уставот со кој на осудените за тероризам ќе им се одзема француското државјанство.
Предлогот помина со тесно мнозинство, при што „за“ гласале 162 пратеници, додека 148 биле „против“, а 22 воздржани.
Одлуката е усвоена по повеќенеделна дебата, а беше предложена во пакетот мерки на претседателот Франсоа Оланд по терористичките напади во Париз од 13. ноември минатата година, во кои беа убиени 130 луѓе.
За да стапат на сила сите мерки, мора да бидат одобрени од двата дома на Парламентот, како и со мнозинство во Конгресот, тело кое се формира на состанокот на Собранието на кое се гласа за промените на Уставот.
Контроверзниот предлог беше причина за оставка на министерката за правда Кристијан Таубира на крајот на минатиот месец.




