Гравитациските бранови за кои пред околу 100 години зборуваше Алберт Ајнштајн денес се потврдени од страна на голем меѓународен тим научници, собрани на проектот ЛИГО (Laser Interferometar Gravitational-Wave Observatory).
Извршниот директор на ЛИГО, Дејвид Ритце, на денешната прес-конференција која беше во фокусот на научниците, соопшти дека тие ги детектирале гравитациски бранови.
Сигналот кој го детектираа научниците е резултат на судар на две црни дупки оддалечени 1,3 милијарди светлосни години од нас, а секоја од нив има околу 30 пати поголема маса од Сонцето.
При конечниот удар, овие две црни дупки имале брзина од околу 150.000 километри во секунда, што е половина брзина на светлината.
Гравитациските бранови се вибрации на димензиите простор-време кои се јавуваат со забрзување на сите облици на материја и енергија.
– Ова е конечна потврда на Општата теорија на релативноста на Ајнштан – објасни за „Јутарњи лист“ д-р Ивица Смолиќ од Физичкиот отсек од Природно-математичкиот факултет во Загреб.
– Гравитациските бранови се патувачки деформации простор-време. Како што камен фрлен во вода предизвикува некоја деформација на површината на водата, па таа деформација патува. Или кога ќе плеснеме со дланките, таа деформација патува по воздухот и ја слушаме со увото како звук. Исто така, движечките маси во вселената можат да предизвикаат бранови во гравитацијата – појаснува Симиќ.
Околу милијарда долари вредниот експеримент ЛИГО, почна во 2002 година, а во него се вклучени 900 научници од целиот свет.
ЛИГО се состои од две постројки: една во Ханфорд (Вашингтон) а втората во Ливингстон во Луизијана, кои меѓу себе се оддалечени повеќе од 3.000 километри.
– Секоја од тие постројки се состои од два крака во облик на буквата Л (латинично). Секој крак има должина од околу четири километри, тоа се цевки во кои има вакуум и низ кои патува ласерски сноп. Каде што се спојуваат цевките на тие ласерски зраци се интерферираат и тие се многу чувствителни на нарушувањата во должината на краците. Што и да минало и предизвикало деформација на краците, тоа се гледа на интерференцијата меѓу ласерските зраци. Овој уред е толку прецизен што е можно да се измерат деформации помали од радиусот на протонот, дополни Симиќ.
Гравитациските бранови се единственото предвидување кои произлегува од општата теорија на релативноста кое досега не беше потврдено.




