Има мал напредок но уште многу треба да се направи. Со оваа куса реченица на шефот на европската дипломатија Доналд Туск минатата ноќ заврши првата рунда преговори помеѓу 27 земји членки на ЕУ и Велика Британија за останувањето или излегувањето на оваа островска земја од ЕУ, тема која го доби името Брексит.
Синоќа земјите ги разменија првите мислења за барањата за реформи на конзервативниот британски лидер Дејвид Камерон по што следеше маратонска вечера посветена на мигрантската криза која, исто како и Брексит, создава поделби во ЕУ.
Пред 27 земји членки Камерон бараше “кредибилен договор, доволно силен за да се убедат Британците дека го поддржат останувањето на Велика Британија во ЕУ”, рече Камерон и додаде дека ова е прилика да се решат сите проблеми помеѓу Лондон и континетот, договор кој може да трае повеќе генерации.
Ова прашање ќе им биде поставено на Британците најверојатно во јуни на референдум.
Камерон е исправен пред силен притисок на евроскептиците во Велика Британија но и во неговата партија. Оттука самитот во Брисел може да трае до сабота во обид да се дојде до конечен договор.
Ова се клучни мигови кои ја потресуваат целата ЕУ. Конфронтирана со две силни кризи – можноста за излез на Велика Британија од ЕУ и миграциската криза.
За европските лидери кои се приврзаници на силна европска интеграција ова се “мигови на вистината”, како што изјави белгискиот премиер Шарл Мишел кој смета дека треба да има договор но не по секоја цена.
Истиот тон дојде и од полската премиерка Беата Шидло која не се согласува со барањето на Камерон за намалување на социјалната помош за интра-европски мигранти кои работат во Велика Британија помеѓу кои има многу луѓе од источна и централна Европа. Ова е едно од најконтроверзните барања на Камерон.
Туск предложи механизам кој ќе му дозволи на Лондон привремено да ги намали социјалната помош на европските мигранти но останува прашањето за времетраењето на оваа мерка.
Камерон бара исто така гаранции за да се зачуваат економските и финансиски интереси на неговата земја.
Со ова не се согласува Франција за смета дека не смее да има можност за британско вето во однос на зајакнувањето на еврото бидејќи оваа земја не е член на еврозоната.
“Договор е можен но не смееме да ја спречиме Европа да напредува”, изјави францускиот претседател кој смета дека ниту една земја не смее да има право на вето по овие прашања. Франсоа Оланд во ова ја има поддршката на Белгија и Луксембург кои велат дека една земја која не е во еврозоната не смее има стратегија која и се противи на еврозоната.
Самитот продолжува попладне и можно е да трае цела ноќ.




