На 20 февруари 2016 година, во својата 83 година почина Лепша Пиперковска, основоположникот на македонската пијанистичка педагогија. Посмртните останки ќе бидат изложени утре 21 февруари (недела) во капелата на Градските гробишта Бутел, а погребот ќе биде во 13 часот. Факултетот за музичка уметност од Скопје ќе одржи комеморативна седница на 22 февруари (понеделник) во Концертната сала на ФМУ со почеток во 11 часот.
Со објективот на фотографот Благоја Дрнков, еден од малкуте визуелни хроничари на настаните во повоениот период, е документиран настапот на Лепша Бојаџиева на еден од завршните годишни концерти на класата по пијано на Нада Органџиева во салата на Средната музичка школа во Скопје.
Во 1951 година станува дел од генерацијата македонски музичари кои своето академско образование го изведуваат во еден од главните музички центри на тогашната југословенска музичка култура – Музичката академија во Загреб во класата на проф. Надежда Матовиновиќ. Во 1954 година започнува да предава пијано во Нижата и Средната музичка школа во Скопје. Истовремено таа станува корепетитор на останатите класи, а продолжува и со својата изведувачка дејност и учествува во емисии во живо на програмата на Радио Скопје.
Во 1956 година Лепша Бојаџиева стапува во брак со познатиот доктор гинеколог Христо Пиперковски. Во овој период таа ги завршува и двогодишните студии за наставници за општо музичко образование на Вишата педагошка школа во Скопје, а во 1959 година таа ќе биде назначена за хонорарен предавач по пијано на Вишата педагошка школа во Скопје. Во 1965 година дипломира и во Музичката академија во Белград во класата по пијано на проф. Станка Врињанин.
Првите ученици од класата по пијано на Лепша Пиперковска кои постигнуваат значајни резултати се пијанистките Стела Слејанска и Султана Марковска, подоцна и Евушка Трпкова (Елезовиќ), Валери Стефановски и Димитрије Бужаровски.