Романот „Времето на козите” од Луан Старова е објавен во САД во издание на Универзитетот Висконсин прес, во превод на англиски на Кристина Крамер.
Ова е втора објава на Старова во Америка, по минатогодишното издание на романот „Татковите книги”.
Американскиот издавач истакнува дека во „Времето на козите” Луан Старова полифонично ја претставува балканската комплексност, при што авторот успешно води повеќе текови во романот, а со својата рефлексивна нарација сведочи за трагични настани и сложени политички збиднувања.
Романот „Времето на козите” од Старова е објавен на 15 јазици во дваесетина земји во светот. За ова дело, како и за другите романи од „Балканската сага” на Старова, пишувале видни европски критичари, меѓу кои Едгар Морен, Ален Боске, Морис Дрион и Ерик Фрај. Во тек е реализирање на проектот „Балканска сага” на Луан Старова во 12 тома во издание на „Дијалог” од Скопје.