Репортерот на НОВА известува за речиси 10,000 луѓе кои кампуваат на грчката страна на границата. Нови бранови бегалци постојано им се придружуваат во ужасни хуманитнарни услови, додека македонската граница останува и денес затворена
По вчерашните тензии кога група мигранти се обидоа насилно да влезат во Македонија обивајќи ја жичаната ограда со метална шипка, присуството на полицијата од страната на Грција и од страната на Македонија е зголемено.
На границата сега е дозволено да се продава храна, но состојбата со лекарите е лоша. Во километарски редици се чека за прием кај лекар. Бројот на бегалци кој постојано се зголемува, додека македонската граница останува затворена од вчера утрото кога влегоа последните групи луѓе, навестува и опасности од болести, но и тензии, бидејќи на многу од луѓето не им се чека толку долго и во тие услови.
Во моментов, според грчките медиуми на границата во Идомени има 10,000 бегалци. Од нив, некои тука кампуваат и по 10 дена.
– Овде сум 10 дена. Ми ја убија жената, ми ги убија децата, ги бомбардираа. Освен да седам тука и да чекам да стигнам кај брат ми во Германија, јас друг избор немам, во Сирија не се враќам, вели Агри, млад Сириец со кого поразговаравме.
Судбината на Агри ја делат илјадници. А уште десетици илјади секојдневно пристигаат на грчките острови. Во моментов, според министерството за внатрешни работи на Грција во земјата има 25, 000 бегалци. До крајот на месецот доколку состојбата остане иста во земјата би можело да има до 100,000 бегалци. Како Агри, многу од нив немаат избор освен да чекаат. А додека тие чекаат, грчко-македонската граница, кај Идомени ја навестува пеколната судбина која ја чека Грција доколку не се најдат решенија и доколку не се најдат брзо.