Претендентот за претседателска кандидатура кај Републиканците Доналд Трамп и неговата конкурентка од Демократите Хилари Клинтон, секој во својот табор, избија како убедливи фаворити по „супер вторникот“, најважниот ден од прелиминарните избори, каде во рамките на партиите се гласаше во 12 сојузни држави и една територија.
Според проекциите на медиумите, Трамп ги победил своите републикански противкандидати во седум држави, од длабоко на југот со Масачусетс на север, со што доби дополнителен поттик по минатомесечната победа на внатрепартиските избори во три од 4 држави.
Убедлива е и победата на Клинтон над нејзините партиски противкандидати, иако таа беше предвидлива во држави како Арканзас на пример, каде таа и нејзиниот сопруг ја започнаа политичката кариера.
Но ниту еден од кандидатите во обете партии не покажа дека се откажува од трката.
Ривалите на Трамп, сенаторот Тед Круз победи во Тексас и Оклахома, додека Марко Рубио во Минесота.
Главниот противкандидат на Клинтон, Берни Сандерс, демократски социјалист од Вермонт победи во Вермонт, Колорадо, Минесота и Оклахома најави дека ќе се бори за номинација и во останатите 35 држави.
Според медиумите, Трамп и Клинтон сега се под притисок да покажат дали можат да ги обединат гласачите, секој во својата партија и да избегнат поделби кои би можеле да им нанесат штета на претседателските избори закажани за 8.ноември годинава.




