Европската унија денес предложи финансиска помош за нејзините земји членки соочени со масивен бран бегалци како Грција каде што илјадници мигранти се блокирани на границата со Македонија или Франција каде што властите одлучија да го урнат дивиот камп на брегот на Ла Манш.
Комесарот за хуманитарна помош Христос Стилијанидес вети дека ќе одговори на барањата на Грција која смета дека и се потребни 500 милиони евра за да организира прием на 100.000 бегалци и да се справи со ситуацијата на границата со Македонија.
Во францускиот див камп Сиријци, Суданци и Авганистанци чекаат да го минаа Ла Манш и да одат во Велика Британија и одбиваат да бидат распоредени во центрите за приме распоредени низ цела Франција. И овде ситуацијата е напната и од време на навреме избиваат немири помеѓу бегалците и полицијата.
Вчера Европската комисија (ЕК) изрази загриженост поради состојбата на македонската граница и рече дека Македонија не се консултирала со Брисел за затворањето на границата. Македонија позитивно одговори на барањето, пред се, на Австрија која одлучи дневно да прима не повеќе од 80 барања за азил.
Критика дојде повторно и од генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки-мун кој изјави вчера дека рестрикциите наметнати на бегалците на балканските граници не се во согласност со меѓународното право и човечноста.
Над 130.000 мигранти пристигнале во Европа преку Медитеранот од почетокот на јануари, информираше Високиот комесаријат за бегалци.
Атина вчера испрати повик за помош и предупреди дека не е способна да се грижи за сите бегалци кои пристигнуваат, рече портпарол на владата.
Многу очекувања има од посетата на првиот човек на ЕУ Доналд Туск кој денес е во Скопје а вчера беше во Виена и Љубљана за да ја пренесе пораката дека унилатерални акции не се решение за бегалската криза. Утре и задутре тој оди во Анкара а потоа, на 7 март, се одржува самит на ЕУ со Турција посветен на овој горлив проблем.




