Берни Сандерс вчера победи на внатрепартиските избори во сојузната федерална држава Мичиген, што се смета за голем удар врз противкандидатката Хилари Клинтон која се надеваше дека брзо ќе ја освои номинацијата од Демократите за претседателки кандидат.
Иако победата на Сандерс е минимална таа е сигнал дека на средната класа во САД сепак и се допаднала пораката на социјалистот од Вермонт, а не апелот на поранешната државна секретарка.
Мичиген е една од федералните држави која најтешко беше погодена од економската криза и голем дел од индустриските капацитети беа затворени.
Победата на Сандерс во Мичиген не придонесе за неговото приближување до Клинтон која во досегашното гласање води со 1234 гласови, спрема 567 на Сандерс, и е многу поблиску до потребните 2383 за освојување на номинацијата.
Сепак оваа победа на Сандерс сигнализира дека Клинтон ќе се соочи со многу поголем предизвик во следните федерални држави кои исто така се карактеристични по работничката класа, како Охајо, Илиноис и Висконсин, покрај Флорида и Северна Каролина.
Дури и во кампот на Сандерс се изненадени од победата. Шефот на кампањата Џеф Вивер предвидува дека таа ќе биде пресвртница за повеќето држави од југот каде што допрва ќе се гласа.
Во таборот на Клинтон не се загрижени за поразот, кој е за околу 2 проценти. Директорот за комуникации Џенифер Палмиери вели дека во тек е лобирање меѓу делегатите и дека на крајот нивниот кандидат сепак ќе заврши на врвот.




