Полскиот Уставен суд прогласи за неуставни низа мерки и прописи на новата Влада на премиерката Беата Шидло.
Одлуката е донесена по дводневно заседание на Судот, иако Владата навести дека нема да ги прифати одлуките на уставните судии, што според правни експерти на кои се повикуваат медиумите во Варшава, претставува „вовед во уставна криза“.
Решенијата на Уставниот суд доаѓаат по усвојувањето на новите прописи за неговото работење, што ги донесе новата конзервативна Влада уште на стартот од нејзиниот мандат во октомври минатата година.
Со измените зголемен е бројот на членовите на Судот на 15 и доизбрани се судии блиски до владејачката десна популистичка партија Право и правда, а определено е и дека за полноважност на одлуките потребно е двотретинско мнозинство.
Владата одреди и правила по кој ред и како ќе се определуваат случаите за кои ќе расправа Уставниот суд на Полска.
Ваквото решение на Владата предизвика бурни протести на опозицијата и на разни продемократски организации и здруженија кои организираа бројни демонстрации во Варшава и низ земјата.
Според полските медиуми, Владата нема да ги смета за „валидни“ одлуките на Уставниот суд, затоа што не се донесени според новите правила и прописи.
Европската комисија уште претходно покрена истрага за тоа дали новите законски мерки на полската Влада се во согласност со демократските правила и норми на ЕУ, а со осуда реагираше и Советот на Европа.




