Десетици илјади луѓе денеска маршираа низ улиците на Варшава барајќи од Владата да го почитува Уставот.
Демонстрантите носеле национални и знамиња на ЕУ и извикувале „Устав“, повикувајќи ја Владата да ја прифати судската пресуда со која се прогласуваат за неуставни законските реформи од страна на власта.
Евроскептичната партија Закон и правда се соочува со се повеќе критики од ЕУ и САД како и од организациите за заштита на човековите права откако минатиот ноември ја презеде власта и ја зголеми контролата врз медиумите и останатите институции.
Полскиот Уставен суд во средата ја прогласи за незаконска одлуката на Владата со која се зголемува бројот на неговите судии кои се неопходни за донесување пресуди, со што се продлабочува кризата која предизвикува загриженост во врска со демократијата во најголемата источна држава членка на ЕУ.
Денешните протести се сметаат за ескалација на судирот меѓу полската опозиција, највисокиот суд во земјата и претставниците на ЕУ од една страна и владејачките полски конзервативци од друга страна.




