„Неспокоен национализам“ е двојазично издание на повеќегодишниот критичко-истражувачки труд на професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски во кој се третирани сите базични дефиниции и карактеристики на национализмот како идеологија и политичко движење, со примена на категориите врз Македонија и македонскиот национализам.
Книгата, во издание на Култура на близу 400 страници детално се бави со процесите на осамостојување на македонската држава и формирање на национализмот на македонците во форма на идеологија на нација-жртва, или карактеристичен модел на пасивно-агресивен националистички гнев.
Анализите се понудени во форма на теоретскии хронолошки флеш-бекови, осврти наназад од формираната „роза“ – создавањето своја држава кон корените, во кој процес се отвараат карактеристиките на македонскиот национализам, неговите фантазии, „генетски кодови“, до формите на современи манифестации. Тој во фазата на т.н. транзиција кон демократија критички се поставува во однос на либералните и граѓански основи на современата македонска демократија и се лоцираат точките на колизија.
Книгата се очекува да излезе од печат во април.